Топ листа на „јазичните надреалисти“

Пред да продлабочиме повеќе на денешната тема, сакам да поставам неколку прашања: Можете ли да ми кажете на кој јазик зборуваат жителите на Австралија? Лесно прашање – англиски. Со овој јазик се служи Велика Британија, Америка, дел од Канада, Ирска, Јужна Африка, Нов Зеланд. Да преминеме на следното прашање: На кој јазик се зборува во Босна или во Црна Гора? Овде одговорот не е така едноставен, бидејќи по распаѓањето на поранешна Југославија, секоја држава некогашниот српско-хрватски јазик го има преименувано во свој. Така денес еден јазик, со различни дијалекти, има повеќе имиња...црногорски јазик, босански јазик, хрватски јазик итн.... По оваа логика би требало да кажеме дека жителите во Јужна африка треба да го преименуваат својот јазик во јужно-афрички јазик. Дали манипулирањето на еден јазик и неговите дијалекти строго политичко или национално прашање или јазиците во нашиот регион навистина многу се разликуваат?

Разочарувачки е фактот што во Босна постои двојазична настава: оние деца кои во својот говор кажуваат „млеко“ одат лево, во отсек српски јазик... Оние кои употребуваат „млијеко“ се на десната страна од зградата во отсек босански јазик. Оваа поделба делува како тие да не можат меѓусебно да се разберат. Сараевскиот лингвист Сенахид Халилович, во својата изјава за радиото „Дојче Веле“ рече дека ваквата јазична поделба не е добра. Наместо да ги научиме младите луѓе дека тоа е еден јазик и инсистираме на сличностите, ние ги нагласуваме исклучиво разликите. Од друга страна, пратениците во босанскиот парламент бараат документите од седницата да им се преведуваат од српски на босански, од босански на хрватски итн. Дали е ова навистина неопходно?

Замислете, на пример, кога би тргнале во Србија од југ кон север, колку различни јазици би добиле! Дали тоа значи дека луѓето кои живеат во Врање би требало да имаат свој јазик, луѓето во Ниш свој, оние што живеат во Ужице свој и слично... дали е неопходно во градското собрание во Врање да работи личност која ќе врши симултан превод секогаш кога ќе пристигне делегација од Белград? Во јазичната наука се смета дека луѓе кои без тешкотија се разбираат, говорат еден ист јазик. Можеме да го наречеме како сакаме, но во суштина, се работи за еден јазик за кој не е потребен преведувач.

Лингвистите оценуваат дека српскиот, хрватскиот, босанскиот и црногорскиот се всушност еден јазик кој има повеќе различни дијалекти и дека оваа поделба е наметната од страна на политичарите и националистите. Најневеројатната работа е тоа што политичарите од овој регион, од сите споменати новоформирани држави, инсистираат дека имаат потреба од преведувачи и упорно се обидуваат да ја наметнат оваа потреба за ангажирање на четири личности за преведување на српски, босански, хрватски и црногорски, наместо еден, на Европската заедница и Америка.

Американските дипломати, летото 2009 година, објавиле интерен документ под назив „Балканска јазична проблематика“, со што е утврдено дека српскиот, хрватскиот, босанскиот и црногорскиот јазик не се четири посебни јазици, туку дијалекти на еден, односно регионални верзии на српско – хрватскиот јазик. Американците имаат заклучено дека варијациите на српскиот, хрватскиот, босанскиот и црногорскиот јазик можат лесно да се разберат со краткотрајно вежбање, па така нема потреба службеникот кој веќе е обучен, на пример, да преведува хрватски јазик, не мора да изучува босански јазик повторно од почеток како да се работи за различен јазик. Исто така е нагласено дека „сите поголеми американски универзитети кои нудат програми за изучување на словенски јазици, вклучувајќи го Харвард и Универзитетот во Лос Анџелес, Калифорнија, ги третираат овие дијалекти како еден јазик“

Очигледно е дека само кај нас на Балканот е тешко да се прифати овој факт.

Колку се разликуваат српскиот, хрватскиот, босанскиот и црногорскиот, најдобро ги имаат објаснето „надреалистите“ во еден прилог од хумористичната емисија „Топ листа надреалиста“ која можете да ја погледнете во продолжение.




Автор: Јелена Теодоровиќ
Извор: Агенција, Дојче Веле

Нема коментари:

Објави коментар